Што е масонерија
Што е слободното ѕидарство?
Слободното Ѕидарство е еднa од светските најстари и најголеми братски и добротворни организации во традиционална и строго не-политичка и не-религиозна форма на здружување, друштво на луѓе меѓусебно поврзани само низ универзалните морални вредности, градејќи етички приод кон животот низ ритуално-церемонијална прогресија во форма на еден симболичко-алегориски сугестивизам, облагородувајќи го човечкиот живот во светлината на Толеранцијата, искреното Пријателство и Верба во Духовниот Принцип кој ги создава човечките вредности.
Во својата суштина, Масонеријата е посебен систем од морални вредности, завиткан во алегорија и претставен преку симболи. Во оваа кратко, но длабоко филозофско објаснување, се содржи есенцијата на Масонскиот живот, чие што комплексно значење Масонот постепено го открива, во процесот на учење, надградување, ”брусење”, развивање, соработка, љубов, помагање,… односно процесот, кој во себе ги содржи сите атрибути на она што значи да се биде секој ден се’ подобар и подобар човек.
Што значи да се биде масон?
Од Слободниот Ѕидар се очекува високи морални стандарди, верба во еден Универзален Принцип на етички и креативни вредности, уважување и почитување на универзалното човечко право и слобода на уверување и убедување, волја за морална самоизградба, посветеност во грижата за луѓето и околината, подготвеност за помош на оние и таму каде што таа е потребна.