Јубилеј – 20 години Голема Ложа на Македонија

По повод трите значајни јубилеи – 20 години од консекрацијата на Големата Ложа на Македонија, 25 години од основањето на Ложата „Скопје“, и 30 години Слободно Ѕидарство во Македонија – Големата Ложа на Македонија со посебна чест ја споделува веста за едно братско признание од исклучително значење.
Нашиот брат Paul R. Engleham, Grand Chancellor, во име на Обединетата Голема Ложа на Англија (UGLE), упати лично писмо со честитки и братски поздрав до Големиот Мајстор на Големата Ложа на Македонија, Марјан Герасимов.
Во писмото, Обединетата Голема Ложа на Англија ја изрази својата восхитеност и длабока почит кон Големата Ложа на Македонија, за успешната организација на јубилејните настани како и за гостопримството на македонските браќа. Признанието од најстарата и најпочитувана масонска обедиенција во светот претставува важен симбол на меѓународно признавање и духовна зрелост на македонското Слободно Ѕидарство.
Големата Ложа на Македонија имаше чест да биде домаќин на повеќе од дваесет делегации од различни Големи Ложи од целиот свет. Присуството на бројни Големи Мајстори и големи офицери од Европа, Америка, Африка и Азија го потврди меѓународниот углед и братската поврзаност на македонската масонерија.
Како дел од прославата, беше одржана Меѓународна Масонска Конференција на тема „Масонеријата во 21 век“, на која беа презентирани трудови од браќа од повеќе земји. Овие трудови, посветени на теми од масонската филозофија, историја, духовност и современите општества, поттикнаа широка и значајна дебата и ја нагласија интелектуалната и моралната мисија на нашето братство.
Особено впечатлив момент беше мултимедијалниот перформанс „Fiat Lux“, одржан во Македонскиот народен театар. Настанот започна со документарен филм, приказна за братството, пожртвуваноста и визијата на оние кои ја запалија првата искра на Светлината во современата македонска масонерија. Во рамките на перформансот настапи и музички бенд, кој изведе рок композиции со симболични масонски пораки, додавајќи инспиративен уметнички израз на вечерта. Потоа следуваше уникатна масонска сценска претстава, изведена од браќа членови на ложите под јурисдикција на ГЛМ. Преку симболиката на светлината, знаењето, честа и доблеста, браќата испратија пораки дека Слободното Ѕидарство е пред сè пат кон духовно усовршување и морален интегритет.
Свеченоста заврши со братска дружба и коктел на кој присуствуваа стотици гости од целиот свет. Со оваа прослава, Големата Ложа на Македонија уште еднаш ја потврди својата посветеност кон вредностите на Слободното Ѕидарство, моралноста, знаењето и братството меѓу луѓето. Македонија и нашиот главен град Скопје, овој викенд станаа престолнина на Светлината – симболичен храм каде се славеше духот на братството и вечната потрага по Вистината. Македонија беше центар на обединета масонска мисла и масонски дух.
Во прилог, го споделуваме официјалното писмо од Обединетата Голема Ложа на Англија (UGLE), заедно со неколку фотографии кои ги овековечија незаборавните моменти од овие значајни јубилејни настани.