ГЛМ на Годишната Комуникација на Обединетата Голема Ложа на Англија (UGLE)
Во духот на постојано братско поврзување и масонска соработка, делегација на Големата Ложа на Македонија учествуваше на Годишната Комуникација (Annual Communication) на Обединетата Голема Ложа на Англија (UGLE), која се одржа на 9 декември 2024 година во Freemasons’ Hall, Лондон – еден од најзначајните храмови на Слободното Ѕидарство во светот.
Овој собир претставува еден од највисоките и најрепрезентативни масонски настани во масонскиот календар, каде што се презентираат најважните годишни извештаи, се поставуваат и избираат функционери, се дискутираат предизвиците на современото Ѕидарство и се зацртуваат насоките за идниот развој на Обединетата Голема Ложа на Англија – мајката ложа на светското симболичко Слободно Ѕидарство.
Големата Ложа на Македонија беше гордо претставувана од НП Брат Марјан Герасимов, Голем Мајстор на ГЛМ, заедно со МП Брат Митко Димов. Нашата делегација имаше чест да биде придружувана лично од Pro Grand Master на UGLE, Jonathan Spence, што претставува знак на длабока почит и братско признание за нашата Ложа и за улогата што ја има во меѓународното масонство.
На собирот се разговараше за актуелните предизвици со кои се соочува модерното Ѕидарство, потребата од активно вклучување на новите генерации, зачувувањето на масонските вредности во современиот свет, како и одржувањето на братството, интегритетот и духовната мисија на нашата древна Уметност.
Присуството на ваков настан претставува не само чест и обврска, туку и можност за размена на идеи, зацврстување на меѓународните братски односи и инспирација за натамошен развој на македонското Слободно Ѕидарство во универзалниот дух на Светлината.
Во прилог Ви пренесуваме неколку фотографии од овој значаен масонски момент.