Писмо со честитки и поддршка од Големата Ложа на Њу Јорк
Во пресрет на 20-годишниот јубилеј од Консекрацијата на Големата Ложа на Македонија и одржувањето на Меѓународната Масонска Конференција, ни беше упатена возвишена честитка од НП. Брат Стивен Адам Рубин, Голем Мајстор на Големата Ложа на Њу Јорк.
Во оваа братска и длабоко инспирирачка порака, Големиот Мајстор ја искажува својата искрена благодарност и почит за улогата што Големата Ложа на Македонија ја има на Балканот како светилник на масонските вредности и духовност. Тој го нагласува братството, хармонијата и духот на соработка што нашата Ложа ги негува како дел од својата суштина, притоа препознавајќи ја и нејзината способност да ја обедини различноста преку вистинско братско заедништво.
Посебна пофалба упатува кон Големиот Мајстор на Големата Ложа на Македонија, Марјан Герасимов, за кого вели дека е „силен и добар кормилар“ на нашата Ложа, со што ја истакнува неговата водечка улога и верност кон принципите на Слободното Ѕидарство.
Во пораката се потенцира и значењето на јубилејната прослава, која претставува круна на трудот и посветеноста на сите браќа, како и визионерската основа на основачите на Големата Ложа на Македонија – луѓе кои не создале нешто минливо, туку вредности кои ќе опстојуваат во умот и душата на човекот.
Со овој чин на братска комуникација, уште еднаш се потврдува високото респектирање на нашата Голема Ложа во кругот на меѓународната масонерија и поттикнува продолжување на нашата посветеност и неуморна работа врз древните и универзални принципи на нашето братство.
Оригиналната порака е прикачена во прилог.